Уставниот суд на денешната седница одлучи да не се поведе постапка за Одлуката на Владата со која беше намален бројот на советници во одредени општини. Ова го соопшти претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, а образложението го даде судијата-известител, Добрила Кацарска.
Кацарска нагласи дека одлуката е донесена со мнозинство гласови и дека нејзината цел е да се избегнат потенцијални последици за претстојните локални избори. Таа посочи неколку клучни аспекти:
- Според Кацарска, Владата има апсолутна надлежност да ја донесе оваа одлука, а таа произлегува од Уставот (член 91, алинеја 1) и Законот за Влада (член 63, став 3), бидејќи е единствен орган надлежен за извршување на законите.
- Кацарска објасни дека член 34 од Законот за локална самоуправа е јасен и го користи терминот „жители“ (лица со постојано живеалиште во општината), а не „граѓани“. Ова е во согласност со Изборниот законик (член 7, точка 4), кој прави разлика меѓу парламентарни и локални избори.
- Таа ги отфрли наводите за дискриминација, наведувајќи дека намалувањето на бројот на советници не се однесува само на општини со малцинско население. Како примери ги спомена Кратово, Куманово, Крива Паланка, Пехчево и други, додека во исто време има зголемување на бројот на советници во Студеничани, Карпош и Кисела Вода.
Кацарска додаде дека одлуката на Владата е донесена за да се овозможи операционализација на Законот за локална самоуправа.