Прекин на продажбата на бензин во Крим по нападите врз руските рафинерии

Околу 50 отсто од бензинските пумпи на окупираниот Крим и во Севастопол престанаа да продаваат бензин поради големи прекини во снабдувањето со гориво, објави рускиот провладин медиум „Комерсант“.

​Иако недостиг е регистриран и во други региони на Русија, ситуацијата е најтешка на полуостровот. Во Јужниот федерален округ, во кој спаѓа и Крим, повеќе од 14,2 проценти од станиците ја запреле продажбата на гориво.

​Прекинот на снабдувањето следи по бранот украински напади со беспилотни летала врз руските рафинерии во август, што значително ја ограничило испораката на гориво и ја принудило Москва да го намали извозот.

​Според „Фајненшл тајмс“, од август 2025 година, Украина нападнала најмалку 16 од 38-те рафинерии на Русија, што довело до пад на рускиот извоз на дизел на најниско ниво од 2020 година.

​Украина ги повика западните сојузници да воведат дополнителни санкции врз руската енергетика, тврдејќи дека намалувањето на приходите од нафта ќе ја ослабне способноста на Москва да ја финансира војната.