​Драгица Николоска: Нашата најважна цел е Прилеп да го претвориме во дом со чиста природа и целосна транспарентност

Драгица Николоска е носителка на кандидатската листа на советници на СДСМ и Коалицијата во Советот на општина Прилеп, со јасна визија за промени. Како опозиција, таа ветува целосна транспарентност на општинските финансии, сериозен пристап кон еколошките проблеми и заживување на локалната економија преку поддршка на стартапи и мали бизниси. Во интервјуто, Николоска конкретно одговара на предизвиците со кои се соочуваат прилепчани и нуди решенија – од загадувањето и кучињата скитници, до планот за соработка во Советот.

Разговараше: Виктор Азманоски


Азманоски: Како носителка на листа, која е вашата најважна цел во Советот на Прилеп?

​Николоска: Мојата најважна цел е општината да ја претвориме во дом во кој сите ќе се чувствуваме сигурни. Со улици по кои безбедно чекорат децата, со паркови во кои ќе се релаксираат сите генерации наши сограѓани, со чиста природа која во наследство им ја оставаме на идните поколенија. Општина во која ќе биде слушнат гласот на секој граѓанин и во која локалната власт е пријател, а не господар на граѓаните. Општина во којашто децата растат безбедно, младите гледаат иднина, а возрасните живеат достоинствено.

Азманоски: Што ќе преземете за да ја подобрите транспарентноста на општинските финансии?

​Николоска: Целосна транспарентност на општинските финансии се постигнува кога преку јавна онлајн платформа секој граѓанин има пристап до сите договори, трошења и буџетски одлуки. Со објавување на редовни извештаи, организирање јавни расправи за буџетот и активно учество на граѓаните во приоритетите на трошење. На тој начин секој денар од општинската каса ќе биде видлив и оправдан. Не се работи за празни зборови – се работи за конкретни чекори. Верувам дека довербата се гради со отвореност. Така заедно ќе изградиме транспарентност, а не само да зборуваме за неа.

Азманоски: Кој е вашиот план за справување со загадувањето на воздухот во Прилеп?

​Николоска: Загадувањето на воздухот во Прилеп е голем здравствен и еколошки проблем. Мојот план е јасен: прво, воведување строг мониторинг и јавни извештаи за квалитетот на воздухот. Второ, поддржување на транзиција кон почисти извори на греење преку субвенции за инвертер клими и соларни системи. Трето, засадување зелени појаси и нови паркови за да го намалиме прашливиот воздух. И четврто, константна грижа за уредување на улиците и редовно чистење за да се намали прашината. Ова не е еднократна акција, туку долгорочна стратегија за здравје и иднина.

Азманоски: Како планирате да ја заживеете локалната економија и да отворите нови работни места?

​Николоска: За да ја заживееме локалната економија, треба да ја поддржиме малата и средна претприемничка дејност со субвенции, обуки и поволни кредити. Програми за привлекување инвестиции во нови индустрии и туризам, развивање на локалните пазари и охрабрување на стартапи – нови, мали претпријатија или бизниси кои се во почетна фаза на развој. Со овие мерки се отвораат работни места за програмери, дизајнери, маркетинг, работници за производство, дистрибуција и продажба. Со тоа им даваме шанса на младите да останат и да работат тука, во својот град.

Азманоски: Кој е најголемиот проблем на градот што актуелната власт го игнорира?

​Николоска: Проблемот со кучињата скитници е сериозен проблем и бара хумани, но ефикасни мерки. Воведување систем за контрола и стерилизација, прифатилишта со поголем капацитет, едукација на граѓаните за одговорно чување миленици. Целта е да го намалиме бројот на кучиња скитници без да ги загрозиме животите на животните и да обезбедиме безбедни улици за сите. Секако дека градот има потреба и од поефикасен и модернизиран градски превоз со повеќе линии, редовен распоред и чисти, безбедни автобуси.

Азманоски: Како ќе осигурате дека гласот на граѓаните ќе биде слушнат во Советот?

​Николоска: Со воведување на редовни јавни средби и консултации, им овозможуваме на граѓаните да ги поднесуваат своите предлози и прашања преку онлајн платформа, а секој значаен предлог да биде разгледан и јавно одговорен во Советот. На тој начин, секој граѓанин ќе знае дека неговиот глас не само што се слуша, туку и дека влијае на одлуките.

Азманоски: Дали сте подготвени да соработувате со владејачката коалиција и под кои услови?

​Николоска: На овие избори нашата коалиција влегува со намера да победи и да биде мнозинство во Советот на општина Прилеп. Од тој аспект, ние ќе им подадеме рака на сите останати советници, без разлика од која листа доаѓаат, со намера да носиме консензуални одлуки. Или уште поконкретно, ќе побараме поддршка односно ќе ги поддржиме сите предлози кои се во интерес на граѓаните на општина Прилеп.