Шокантно видео, кое брзо се прошири на социјалните мрежи, открива насилство врз малолетничка во Основното училиште „Ванчо Прке“ во Штип.
На снимката се гледа како девојчиња физички ја напаѓаат својата врсничка, додека момчињата го снимаат целиот чин наместо да интервенираат.
Случајот е особено тежок бидејќи жртвата била малтретирана дури четири пати во изминатите три месеци. Насилството се случувало како во училиштето, така и надвор од него, оставајќи сериозни последици врз психичкото и физичкото здравје на девојчето.
Мајката на малолетничката, која е видно потресена, јавно побара институциите конечно да се разбудат и да преземат одговорност.
Снимката отвори лавина реакции во јавноста, а граѓаните бараат од надлежните органи итно да постапат, да го спречат понатамошното малтретирање и да обезбедат заштита за малолетничката. Овој случај повторно ја потенцира болната тема за врсничкото насилство и неефикасните механизми на системот за заштита на најмладите.