Актуелниот градоначалник на Струга и висок функционер на ДУИ, Рамиз Мерко, отворено се спротивстави на одлуката на неговата партија, која на претстојните локални избори застана зад коалициониот партнер Зијадин Села.
Мерко на својот Фејсбук-профил јавно ги повика своите поддржувачи да гласаат за советничката листа на „независните“.
„Ја поддржувам независната листа за советници во Струга. Тие ќе работат за доброто на општината. Заокружете го бројот 120“, напиша Мерко.
Мерко е особено познат во јавноста откако се најде на црната листа на САД во јуни 2023 година. Американскиот Стејт департмент тогаш го означи како неподобен за влез во САД поради „вмешаност во значајна корупција“. Мерката ги опфати и неговата сопруга Шпреса и нивните три полнолетни деца.
Во меѓувреме, Обвинителството продолжува со отворање предмети против Мерко, при што последниот се однесува на јавната набавка за осветлувањето на вливот на реката Дрим во Охридското Езеро.