Партијата Левица остро реагира на изјавите на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи ги дека го бранат МВР и дека институциите свесно не постапувале по пријавите против убиецот на Росица во Велес.
Левица, повикувајќи се на медиумски објави, тврди дека МВР континуирано ги игнорирало заканите од убиецот, Илија Стефановски.
- Од 2013 година, постојат најмалку четири пријави од различни жени во повеќе полициски станици во Скопје, поврзани со истиот насилник.
- Сите пријави завршувале како „ПОПЛАКИ“. Левица објаснува дека оваа формулација се користи за да не се извести Јавното обвинителство и да се затвори случајот без понатамошна реакција.
- МВР, според Левица, крие од медиумите што точно е преземено за овие пријави, освен обична административна забелешка.
Партијата бара Тошковски и Мицкоски да преземат одговорност за системските пропусти наместо да ја префрлаат вината.
Левица бара:
- Истрага и одговорност за сите полициски службеници кои не постапиле по пријавите од 2013 до 2019 година.
- Итна ревизија од страна на министерот Тошковски на постапките на МВР во сите случаи на семејно насилство.
„Наместо владините функционери постојано да се ставаат во улога на жртви, редно е после сите трагедии предизвикано токму од системски пропусти – да покажат минимум совест и одговорност!“, се вели во соопштението.