Подметнат пожар во депонијата кај Арачиново: Гори фрлен сончоглед, смрдеата се шири кон Скопје

​Вечерва е подметнат пожар во депонијата близу Арачиново, која се наоѓа покрај стариот пат кон Куманово, информира Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

​Од ДЗС соопштија дека иако депонијата има ограда и влезна врата, скопските пожарникари ја затекнале вратата отворена. Во депонијата имало фрлена поголема количина пакуван сончоглед кој горел со силен пламен, заедно со други горливи производи.

​Се претпоставува дека намерно запалениот сончоглед го предизвикал опожарувањето на дел од депонијата. Поради насоката на струењето на воздухот, смрдеата од пожарот најверојатно се чувствува во одредени делови на Скопје.

​Од ДЗС велат дека гаснењето ќе биде сложено поради големиот обем на зафатената површина. Поради тоа, се прави проценка на неопходноста од затрупување на депонијата, која е под надлежност на Општина Арачиново.