Телефон и слушалки? Од денеска 40 до 50 евра казна!

Од денеска стапуваат во сила измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, чија главна цел е унапредување на безбедноста на најранливите категории учесници и намалување на сообраќајните незгоди предизвикани од невнимание.

​Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) потсети на клучните нови правила:

​1. За пешаците:

  • ​При преминување на коловоз и велосипедска патека, пешаците не смеат да користат слушалки во двете уши, мобилни телефони, таблети, смарт часовници или други уреди што им го одвлекуваат вниманието.

​2. За возачите на лесни возила:

  • ​Истото ограничување важи и за возачите на велосипеди, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.
  • ​Исклучок е дозволен само ако користат специјализирани комуникациски уреди вградени во заштитни шлемови.
  • ​Новите одредби ги опфаќаат и возачите на електрични тротинети, на кои исто така им е забрането користење електронски уреди за време на управувањето.

​Пешаците и возачите на велосипеди, мопеди и електрични тротинети кои користат слушалки на двете уши, телефони и слично при преминување улица или возење, ќе бидат казнети со:

  • ​40 евра (за пешаци).
  • ​50 евра (за возачите на лесни возила).

​РСБСП порачува дека овие измени поставуваат нови стандарди за одговорно однесување, а безбедноста на патиштата е заедничка одговорност на сите.