Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денеска ја посетија Универзитетската клиника за државна кардиохирургија по повод промоција на надградбата на хибридната сала. Оваа сала е прогласена за единствена хибридна операциона сала од ваков вид не само во државата, туку и пошироко во регионот.
Министерот Алиу истакна дека оваа инвестиција е дел од континуираните вложувања на Министерството од инфраструктурна и техничка гледна точка.
„Станува збор за современа апаратура што овозможува детекција, анамнеза и интервенција, а потоа и следење на здравствената состојба на пациентот при кардиохируршките интервенции“, посочи министерот Алиу.
Надградбата вклучува нов компјутерски томограф, за кој Министерството за здравство обезбедило средства во вредност од 2 милиона евра.
Со најсовремени софтвери, новиот томограф овозможува услови со кои нашата држава се вбројува меѓу водечките центри во оваа област. Софтверите на ангиографот и томографот се целосно комплементарни и овозможуваат највисок стандард во ендоваскуларниот третман.