СДСМ: Дали кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Виница е дел од шумската мафија?

На прес-конференцијата, портпаролката на СДСМ, Маја Борозан, јавно го прозва ВМРО-ДПМНЕ поради нивниот молк по апсењето на 15 лица – меѓу кои директори, полициски началници и шумски полицајци – осомничени за „злосторничко здружување и пустошење на шуми“ во Малешевијата со проценета штета од над 100 милиони евра.

​СДСМ постави директни прашања поврзани со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Виница, Митко Костадиновски:

​Дали ВМРО-ДПМНЕ молчи затоа што во „периметарот“ на акцијата се наоѓа и Митко Костадиновски, кој е и началник на шумската полиција и кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ?

​Дали Костадиновски и началникот на ОВР Делчево, Блашко, се „создавачи на ова злосторничко здружување“ и партнери во криминалот?

​Дали истите двајца го координирале движењето на незаконски исечената дрвна маса која завршувала во една делчевска компанија?

​Борозан нагласи дека како началник на шумската полиција, Костадиновски ја има највисоката раководна позиција задолжена за чување на шумите и спречување на бесправна сеча.

​„Или началникот на шумската полиција Митко Костадиновски е инволвиран, или кандидатот за градоначалник на општина Виница од ВМРО ДПМНЕ е неспособен соодветно да ја извршува својата функција. Трето нема“, истакна Борозан.

​СДСМ додаде дека Костадиновски има и судска пресуда од 2012 година за недозволено држење оружје и муниција, заклучувајќи дека тој „не може и не смее да биде прв човек на Виница“.