Во светот на музиката, ретки се оние уметници кои успешно ја кршат бариерата меѓу жанровите и создаваат свој, автентичен звук. Мишел Трајковски, виртуозот на хармоника, е еден од нив. Препознатлив по својата способност да ги спои македонскиот мелос со џезот, тангото и ромската музика, Трајковски постојано ја редефинира улогата на својот инструмент. Во ова интервју, тој зборува за интуицијата во музиката, предизвиците на сцената и големите соработки кои го обликуваа неговиот уникатен уметнички пат.
Разговараше: Виктор Азманоски
Азманоски: Вашата музика е препознатлива по спојот на традиционален македонски мелос, џез и танго. Како се одлучувате за тоа кои елементи ќе ги комбинирате и дали постои некаква „формула“ за да се постигне таа хармонија?
Трајковски: Мислам дека не постои точна формула. Сѐ е прашање на чувство и интуиција. Најважно ми е секогаш музиката да има душа, а особено кога традицијата ќе се сретне со џезот или тангото јас ја барам емоцијата. Секој звук е патување, а овие музички жанрови се всушност различни бои кои ги користам за да ја исцртам таа емоција.
Азманоски: Хармониката често се поврзува со одреден традиционален стил. Како се справувате со очекувањата на публиката и дали некогаш сте се почувствувале ограничени од инструментот што го свирите?
Трајковски: Иако хармониката важи за инструмент кој ширум светот најчесто се користи во класичната музика, низ историјата на македонската музика, овој инструмент најчесто се појавувал во аматерските културно уметнички друштва, на игранките и свадбените веселби. Иако овој инструмент се користел многу години претходно, хармониката како сериозен музички фактор во Македонија за прв пат на официјален радио и телевизиски настан била забележана во 1949-тата година во тогашното Радио Скопје со која раководел големиот Драган Ѓаконовски – Шпато. Потоа се појавува во Македонскиот народен оркестар, Танец како и на речиси секоја аудио снимка на народна песна или оро. Всушност оној инструмент кој се служи во својата национална практика може слободно да се нарече „народен инструмент”.
Со секоја работна минута помината заедно со мојот инструмент всушност сфаќам дека станува збор за инструмент на кој може бесконечно да се создава музика и да биде употреблив буквално во секој еден музички правец, било да е тоа џез, поп-рок или народна музика.
Азманоски: Имате соработувано со многу познати музичари. Која соработка остави најголем личен или професионален печат врз вас, и зошто?
Трајковски: Моите први музички почетоци ги започнав со кралот на ромската музика Ферус Мустафов. Снимив нов музички албум со најдобриот светски трубач – Џамбо Агушев. Веќе неколку години соработувам со македонското бисерно грло Наум Петрески. И во моментов работам на нова песна со Раде Шербеџија. Станува збор за луѓе со богато животно искуство, за кои силно верувам дека еден ден ќе бидат дел од книгите по музичка историја.
Азманоски: Како дел од „Скопје Виа“, истражувате и уникатно го претставувате ромскиот мелос. Што ве инспирираше да се посветите на овој жанр и која е вашата цел со оваа музика?
Трајковски: Моторот на овој состав е актерката и вокал на бендот, Јана Стојановска, но љубовта и хармонијата во овој бенд која ја создадовме заедно со членовите на џипси составот ме инспирира и мотивира неуморно да работам на овој проект за кој верувам дека во скоро време ќе забележи големи успеси на европската и светска сцена. Првиот наш концерт заедно со „Скопје Виа“, ќе се одржи во Будимпешта на 15-ти октомври, а наскоро ќе го објавиме и нашиот прв музички албум.
Азманоски: Покрај хармониката, свирите и други инструменти. Дали постојат моменти кога се чувствувате послободни во изразувањето преку тамбурата, во споредба со хармониката?
Трајковски: НЕ.
Азманоски: Доколку треба да ја опишете вашата музика во три збора, кои би биле тие?
Трајковски: Автентичност, страст и традиција.
Азманоски: Во изминатите неколку години можеме слободно да кажеме дека вашиот музички стил на изразување и тоа како е се поприсутен на музичката сцена, а особено кај помладите хармоникаши. Како вие гледате на сето тоа?
Трајковски: За мене претставува големо задоволство, неверојатно инспиративно е да се гледа како помладите хармоникаши го практикуваат мојот стил и начин на изразување. И драго ми е што мојот пристап на сцената може да ги мотивира и охрабри да се развиваат и да создаваат музика. Тука не станува збор само за техниката и виртуозноста, туку и за тоа да се пренесе страста, енергијата и личниот печат. Ако мојата музика може да инспирира барем еден млад хармоникаш, да создава од срце и да ја истражува својата креативност, тогаш тоа е најголемата награда!
Азманоски: Како еден од најталентираните музичари од помладата генерација, што е најголемиот предизвик со кој се соочувате денес на македонската музичка сцена?
Трајковски: Ви благодарам. Мојот најголем предизвик е да останам и понатаму оригинален во она што го работам, и да продолжам во создавањето на овој нов инструментален правец, за кој верувам дека ќе биде вистинскиот за новите музички генерации.