Костадинов му одговори на Филипче за „плукањето“: Тоа е бесмислица, нема да напаѓам, ќе простам

Актуелниот градоначалник на Општина Струмица, Костадин Костадинов, јавно му одговори на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по неговата изјава во интервју за МТВ дека Костадинов наводно „плукал по партиските другари“. Костадинов, иако со замрзнато членство, реагираше со цел да остане „доблесен кон моите партиски другари“.

​Костадинов ја отфрли изјавата како „целосна бесмислица и измислица“, нагласувајќи дека такво нешто никогаш не било негов стил. Сепак, тој одби да одговори со ист тон:

​„Иако ова, за секој политичар, претставува класичен ‘пенал’ момент можност да нападне и да извлече поени – јас ќе направам нешто друго: ќе простам.“

​Тој рече дека на претседателот Филипче ќе му прости и сè кажано ќе го прими како „вид политичко неискуство“ кое е нормално на почеток на секоја кариера.

​Костадинов упати индиректна критика кон Филипче:

​„Лесно е да се биде во СДСМ. Но, многу потешко е да го носиш СДСМ во себе – особено кога изворно не си дел од неговите темели, туку си дојденец во него.“

​На крајот, Костадинов најави дека ќе остане доследен на својот принцип и својот конечен став за визијата за СДСМ ќе го каже по завршувањето на локалните избори.