Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, најави големи инфраструктурни проекти за растеретување и модернизација на градот, истакнувајќи дека ќе го гради „Скопје што дише, што се движи и што ги поврзува луѓето“.
Во Кисела Вода, заедно со министерот Александар Николоски и кандидатот Бети Стаменкоска-Трајкоска, тој го најави почетокот на втората фаза од проектот „Есенинова“:
Пробивање на „Есенинова“: Улицата ќе се поврзе од „Чешма“ до „Шампионче“, со што директно ќе се поврзат улицата „Антон Панов“ и булеварот „Борис Трајковски“ (кој ќе биде довршен до Драчево). Ова значи побрз пристап и подобра мобилност за жителите на Кисела Вода.
Нови артерии и булеварски решенија
Ѓорѓиевски претстави и дел од пошироката мрежа на сообраќајни решенија:
Поврзување на „Бутелска“ со булевар „Христијан Тодоровски – Карпош“ за намалување на гужвата.
Поврзување на „Лука Геров“ (Ѓорче Петров) со патот за „Економија“ и безбеден премин преку пругата.
Изградба на „Пролетна Офанзива“, која ќе стане нова артерија преку мост над Вардар, поврзувајќи ги Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.
„Даме Груев“ во центарот на Скопје ќе прерасне во булеварско решение, со правно и техничко решение за зградата „Макотекс“ и нов модел за паркирање. Со реализација на овој булевар, центарот на Скопје ќе биде комплетно ослободен од возила.
Темелна реконструкција на децениски запоставени улици
Најавена е и темелна реконструкција на повеќе запоставени улици во градот:
„Веле Марков“ (Ѓорче Петров): Ќе се поврзе со булевар „Македонска Војска“ за растоварување на локалниот метеж.
„Шарпланинска“ (Даме Груев): Модерна инфраструктура и зеленило.
„Перо Наков“ (Гази Баба), индустриското срце на Скопје.
„Фрањо Клуз“ во Аеродром.
„Стар Качанички пат“, клучен за Економската зона Визбегово.
„Загребска“, главна артерија до Детската болница „Козле“.
„Бутелска“ и „Радишанска“ (од Расадник до Радишани): Нов асфалт, дренажа и осветлување.
Ѓорѓиевски порача дека овие улици ќе бидат симбол на новото време, каде што „секој метар нова улица значи минута помалку во застој“.