Суспендирани инспекторите од УЈП вмешани во случајот „Дискотека на смртта“

Управата за јавни приходи (УЈП) соопшти дека инспекторите кои биле вмешани во објавените комуникации со синот на сопственикот на кочанската дискотека се суспендирани додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба.

​Случајот беше обелоденет во документарец на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), каде се презентирани пораки кои укажуваат на можност за оддавање на даночна тајна и неовластено информирање за претстојни даночни контроли. Како што пренесува „Слободен печат“, еден од суспендираните инспектори е брат на претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска.

​УЈП потврди дека ваквото однесување претставува сериозно прекршување на Кодексот на однесување на вработените.

​„Управата за јавни приходи веднаш пристапи кон спроведување на внатрешна проверка на наводите… и донесе Решение за суспензија на вработените лица кои се опфатени во случајот, сè додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба.“

​Мерката е преземена со цел заштита на институционалниот интегритет, угледот на Управата и довербата на граѓаните. УЈП нагласи дека ќе продолжи да спроведува „нулта толеранција“ кон секое однесување што ги нарушува принципите на законитост, транспарентност и професионализам.