Пилотите на германската авиокомпанија „Луфтханза“ денеска со големо мнозинство гласаа за штрајк, што се очекува да предизвика големи нарушувања во авиосообраќајот.
Во гласањето учествувале 90% од пилотите на „Луфтханза“, а резултатите се убедливи:
88% од пилотите во комерцијалниот дел гласале за штрајк.
96% од пилотите во карго превозот гласале за штрајк.
Главна причина за спорот се пензиите за околу 4.800 пилоти. Синдикатот бара повисоки придонеси од работодавачот во пензискиот систем, тврдејќи дека нивното ниво опаднало по реформата во 2017 година поради ниските каматни стапки.
Според „Тагешау“, „Луфтханза“ ги отфрла овие барања како неодржливи, наведувајќи дека нема доволно средства за зголемување на придонесите.
Конкретен датум за почеток на штрајкот сè уште не е објавен, но патниците се предупредени да се подготват за значителни ограничувања. При претходните протести, „Луфтханза“ беше принудена да откаже речиси сите летови.
Штрајкот се случува во време кога авиокомпанијата поминува низ програма за реструктуирање. Вчера беше најавено дека до 2030 година ќе бидат укинати околу 4.000 административни работни места, што дополнително ги комплицира преговорите и создава тензии.