Мециновиќ: Кампањата се сели на улиците, ќе соработуваме со сите независни листи

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, најави дека поради забраната за рекламирање, неговата кампања и советничката листа целосно ќе се преселат на скопските улици, каде од утро до вечер ќе се среќава со граѓаните.

​„Ние ги повикуваме [големите партии] да се симнат кај граѓаните и за време на кампањата. Ние тоа ќе го направиме во отсуство на рекламирање на кампањата“, истакна Мециновиќ.

​Доколку му биде доверен мандатот, Мециновиќ најави дека негов прв потег ќе биде средување на проблемите во јавните претпријатија и разговор со работниците за условите за работа.

​Тој обвини дека јавните претпријатија се оставени на маргините со цел да се оправда нивна евентуална приватизација. Како доказ ја посочи најавата за јавно-приватно партнерство за „Комунална хигиена“, што, според него, го потврдил и премиерот Мицкоски. Мециновиќ нагласи дека единствено претпријатие кое профитира е „Дрисла“, кое треба да се унапредува, а не да се приватизира.

​Како еден од најголемите проблеми во градот, го посочи јавниот превоз, за кој најави дека имаат замисла да го направат функционален и да го охрабрат неговото користење.

​Мециновиќ порача дека Левица е подготвена за соработка со сите независни кандидати и независни листи за советници.

​„Како што имавме дијалог во минатиот мандат со некои независни листи, сега се надевам ќе имаме уште пообединувачки каде можат да застанат многу платформи за јавниот интерес“, рече тој, додавајќи дека ќе се разговара и за поддршка во вториот круг од изборите.