Мицкоски од Струга: По изборите почнува борба против судско-обвинителскиот бастион на криминалот

На вечерашниот митинг во Струга, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека по локалните избори ќе се посвети на радикална борба против корупцијата во судството и обвинителството, кое го нарече „клучниот бастион на криминалот во државата“.

​Мицкоски обвини дека СДСМ и ДУИ го користат правосудството за заштита на корумпираните функционери.

​„Судството и обвинителството денеска служат како заштита на корумпираните функционери. Секој случај што го поднесовме завршува без обвинителен акт, бидејќи недостасува волја, а во институциите главни се аргатите на СДСМ и ДУИ“, подвлече Мицкоски.

​Тој најави реформи кои ќе ја откријат вистината и ќе ја вратат правдата, бидејќи, како што рече, корумпираните политичари не можат да бидат одговорни без поддршка од корумпирани обвинители и судии.

​Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го коментираше и „тајниот договор“ меѓу Левица и ДУИ за задржување на позицијата во Струга, со цел „дисипација на анти-ДУИ гласовите“ и поделба на граѓаните.

​Тој ги повика Стружани да го поддржат Коста Хиохи и советничката листа (број 9), најавувајќи конкретни проекти кои ќе ги реализираат преку Советот:

  • ​Целосна реконструкција на водоводната мрежа.
  • ​Изградба на катна гаража.
  • ​Изградба на нова градинка за намалување на листата на чекање од 400 деца.

​Носителот на советничката листа, Коста Хиохи, ги истакна приоритетите на програмата:

  • ​Санација на дивите депонии и набавка на возила за селектирање на отпадот.
  • ​Ревизија и санација на водоводната мрежа.
  • ​Заживување на старата струшка архитектура.
  • ​Изградба на катни гаражи за преку 300 возила.

​Генералниот секретар Ѓоргија Сајкоски ги повика граѓаните масовно да го поддржат бројот 9 на 19 октомври за да донесат „нова надеж за градот“.