Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Штип остро го критикуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за неговите најави за правда по локалните избори, обвинувајќи го дека не сака вистински реформи, туку контрола врз правосудството.
Филипче директно му се обрати на Мицкоски, прашувајќи го што направил за правда откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт повеќе од година и пол.
„Го слушам Мицкоски вчера, вика после изборите ќе донеле правда. Немало правда заради СДСМ и Филипче. Мицкоски, дали си ти уште во опозиција? Што направи ти за правдата да кажеш после година и пол? Што? Освен што вработивте во судството и обвинителството ваши луѓе — баџанаци, сопрузи на градоначалници. Што друго направивте?“
Лидерот на СДСМ потенцираше дека власта на ВМРО-ДПМНЕ нема вистинска намера да донесе реформи, туку сакаат контролирана правда за да „сеат страв, да вршат притисоци и да владеат со уцени“.
„Вистината е дека не сакате правда, сакате ваша правда, контролирана правда… Ама СДСМ тоа нема да го дозволи. Тој филм го гледавме и го знаеме”, порача Филипче.
Тој заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ свесно бега од реформите и ги блокира сите обиди за подобрување на системот: „И баш затоа не спроведувате реформи, затоа ги фрливте законите во ѓубре, затоа избегавте од нашата понуда на СДСМ заедно да ги направиме реформите. Со ВМРО-ДПМНЕ правда нема.”