Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека еден од дизел-генераторите што ја снабдуваат нуклеарната електрана Запорижја (моментално под руска контрола) откажал, опишувајќи ја ситуацијата како критична.
Електраната, која е најголема во Европа со шест реактори, е исклучена од украинската мрежа поради руски напади веќе шест дена и се напојува исклучиво од дизел-генератори, кои не се наменети за долгогодишна работа.
„Ситуацијата е критична. Русите со своите напади спречуваат поправка на далекуводите и обновување на основната безбедност. Ова претставува закана за сите,“ изјави Зеленски во своето вечерно обраќање.
Шефот на Државниот инспекторат за нуклеарна регулација, Олег Кориков, потврди дека резервните дизел-генератори го снабдуваат само критичниот систем со електрична енергија.
Ситуацијата ја потврди и генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Рафаел Гроси, кој најави дека агенцијата работи на обновување на снабдувањето со енергија. Нуклеарната централа Запорижја, од почетокот на инвазијата стана едно од главните жаришта во војната.