Фудбалерите на Атлетико Мадрид продолжуваат со неверојатната голгетерска форма, откако во интервал од само три дена, вторпат „пукнаа“ петарда во мрежата на противникот. По победата од 5:2 над Реал во градското дерби, синоќа со пет гола во мрежата стадионот „Метрополитано“ го напуштија и фудбалерите на Ајнтрахт Франкфурт (5:1) во Лигата на шампионите.
Натпреварот ќе остане посебно запаметен за Антоан Гризман.
Францускиот ас, во финишот на првото полувреме, ја претвори асистенцијата на Хулијан Алварез во гол за 3:0. Овој погодок беше негов 200-ти гол во кариерата во дресот на Атлетико Мадрид.
Веднаш по постигнувањето на јубилејниот гол, Гризман го крена својот дрес со бројот 200, а целиот стадион стана на нозе за да му оддаде почит на својот херој. Овој момент ја потврди нераскинливата врска помеѓу францускиот напаѓач и навивачите на „јорганџиите“.
Гризман во Атлетико пристигна во 2014 година од Реал Сосиедад. Иако во 2019 година замина во Барселона, тој по само две сезони се врати во Мадрид и минатото лето го продолжи договорот за уште една се зона.