„Кардиолошки случаи“: Уште десет пријави за сомнителни операции пристигнаа во ФЗО

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) прими уште десет нови „кардиолошки случаи“ од индивидуи и организации кои се однесуваат на сомнежи за непотребни и сомнителни операции. Овие нови пријави ќе бидат доставени до Министерството за здравство, соопшти ФЗО.

​Ова доаѓа откако претходно пет предмети веќе беа доставени до домашната комисија за разгледување. Според извори на Телма, се очекува и една приватна болница да достави дополнителни десетина случаи за сомнителни интервенции кои биле вршени во државното здравство.

​Министерството за здравство пред две недели побара од Лекарската комора да изврши надзор во 11 јавни и приватни здравствени установи кои вршеле кардиолошки, кардиохируршки и кардиоваскуларни интервенции.

​Надзорот треба да опфати период од три години и да се изведе по принцип на случаен избор на медицински истории. Поради обемноста, Комората побарала од Министерството селекцијата на случаите да се изврши преку електронскиот систем „Мој термин“ како најбрз начин за селекција.

​Лекарската комора соопшти дека постапката за селекција во директна комуникација со болниците е започната. Откако ќе бидат селектирани случаите, ќе бидат побарани медицинските истории за разгледување, за што ќе биде потребно соодветно време поради обемноста на надзорот.

​Случајот за сомнителни и непотребни операции на срце го отвори кардиологот Сашко Кедев.

​Државната кардиохирургија пред еден месец ги достави првите осум случаи до домашната комисија, кои се однесуваат на пациенти кај кои биле забележани неправилности при направена коронарографија.

​По обвинувањата дека приватни болници непотребно оперирале за профит, министерот за здравство формираше две комисии – домашна и странска.

​Во странската комисија ќе членуваат експерти од Словенија, Италија и Австрија, кои ќе треба да утврдат дали сомнежите за непотребни операции на срце за извлекување пари од Фондот се оправдани. Сепак, најавено е дека странската комисија ќе започне со работа по изборите.