Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, на средба со граѓаните на Гази Баба, остро ја критикуваше актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ за „криминално запоставување на јавното здравје“ преку негрижа за дивите депонии и еколошките закани.
Шукова истакна дека Вардариште е најгласниот симбол на четиригодишната рамнодушност, нагласувајќи дека повеќе од 150.000 скопјани живеат во сенката на депонијата која секојдневно загадува и труе.
„Тоа не е судбина, тоа е резултат на неспособна и незаинтересирана власт. Наместо решение, граѓаните добиваат молк, занемарување и институционално криење зад политички интереси,“ изјави Шукова.
Шукова најави структуриран план, со експертска поддршка и европски стандарди, чија реализација ќе започне од првиот ден:
- Итно оградување и физичко обезбедување на Вардариште.
- 24-часовен надзор и пристап само за овластени служби.
Како долгорочно решение, Шукова најави селекција, преработка и пренос на отпадот до Дрисла, со нула загадување на воздух, почва и подземни води.
Таа потенцираше дека Вардариште е директна обврска на Град Скопје според Законот за управување со отпад, обврска која четири години била игнорирана. Шукова заклучи дека нејзината визија е Скопје да се врати на патот на европските вредности, каде здравјето и квалитетот на живот ќе бидат приоритет, а не колатерална штета на неспособноста.