Димитријевиќ од Конче: ДПМНЕ го запре напредокот, со Благој Илиев Конче ќе биде подобар дом

​Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на предизборниот собир на СДСМ и Коалицијата во Конче, изјави дека со доаѓањето на власт, ВМРО-ДПМНЕ го „запре напредокот“ на општината, оставајќи зад себе „пустош и хаос“ и неостварени ветувања.

​Димитријевиќ нагласи дека Благој Илиев, кандидатот за градоначалник, не само што ги знае проблемите на Конче, туку ги има и решенијата, и е подготвен да го врати развојот започнат пред 2021 година.

​„Нашиот кандидат Благој Илиев е човек со визија, енергија и чесност. Тој веќе покажа дека знае како да решава проблеми и да работи во интерес на граѓаните. Затоа на овие избори да му дадеме поддршка – за да имаме вистинска грижа за сите нас. Да гласаме за него, затоа што нашиот дом Конче заслужува повеќе,“ повика Димитријевиќ.

​Генералниот секретар ја истакна основната порака на СДСМ, нагласувајќи дека партијата се бори за ред и правда, за достоинствени плати и пензии, за млади кои остануваат, и за општини кои се отворени и вистински сервис на граѓаните.

​Димитријевиќ порача дека СДСМ е продолжение на „најсветлата традиција на Македонија“ – борбата за слобода, рамноправност и достоинство.

​„Нашите корени се во АСНОМ, во генерациите што ја поставија темелната вредност: државата да биде дом за сите… Се бориме за држава што не е ничија приватна сопственост, туку заеднички дом со правила што важат за сите,“ заклучи тој.