СДСМ: Орце Ѓорѓиевски не може да го исчисти ниту „Расадник“, лаже дека ќе го среди цело Скопје за 72 часа

​Кандидатката за советничка во Град Скопје од СДСМ, Кети Штерјова, одржа изјава за медиуми во која остро го критикуваше кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, за неговата неспособност додека беше на функција во Општина Кисела Вода.

​Штерјова истакна дека ветувањето на Ѓорѓиевски дека ќе го исчисти целиот град за 72 часа е неверодостојно и лажно, со оглед на неговото четиригодишно владеење во Кисела Вода.

​„Орце не можеше да ги реши основните проблеми на општина Кисела Вода, не успеа ниту сметот да го исчисти. А сега истиот тој Орце ветува дека ќе го исчисти целиот град за 72 часа. Граѓаните не може да му веруваат дека ќе исчисти Скопје за 72 часа, кога четири години не успеа да ја исчисти ниту Кисела Вода,“ изјави Штерјова.

​Како „школски пример за неговата неспособност“, таа ја посочи населбата „Расадник“, каде што владее „неподнослива нечистотија“, ѓубре на секој чекор, инфраструктурен хаос, недостиг на паркинг и кучиња скитници. Според неа, 72 часа не се доволни само „Расадник“ да се среди.

​Штерјова заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ е директно одговорна за катастрофалната состојба во градот, од Данела Арсовска до Орце Ѓорѓиевски, кој Скопје го претворил во град на ѓубре, диви депонии и загадување.

​„Ѓорѓиевски и ВМРО-ДПМНЕ не се решение на проблемот со ѓубрето во Скопје, тие се самиот проблем! Затоа следува казна од граѓаните на изборите. Скопје заслужува подобро.“