На прес-конференција на СДСМ, Елена Радеска од Комисијата за здравство ја алармираше јавноста за „алармантно лошата состојба“ на Клиниката за онкологија, посочувајќи на сериозни недостатоци кои ги загрозуваат животите на пациентите.
Според СДСМ, проблемите се континуирани откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, но денес состојбата е критична:
- Пациенти во животно загрозувачка состојба се принудени сами да купуваат лекови од странство.
- Недостасуваат реагенси за дијагностички анализи, поради што пациентите плаќаат приватно за испитувања.
- Дел од апаратите за зрачење не работат. Раководството на клиниката признава дека апаратот за гинеколошка брахитерапија е вон функција поради задоцнет договор за сервис.
„Пациенти се одложуваат, животи се ставаат во ризик, а оправдувањата се сведуваат на тендерски процедури и дистрибутерски грешки. Но денес, тоа веќе не е административен пропуст, туку прашање на живот или смрт за македонските пациенти,“ истакна Радеска.
СДСМ бара итна одговорност од министерот за здравство и раководството на Клиниката за онкологија, со следниве конкретни барања:
- Гаранција за континуирана достапност на сите лекови и реагенси. Никој пациент не смее да биде принуден да купува терапии приватно или во странство.
- Итно ставање во функција на апаратите за зрачење и брахитерапија, бидејќи одложувањето на терапијата значи изгубени човечки животи.
- Независна контрола и ревизија на целокупниот систем во онкологијата за да се утврди каде е прекинатиот ланец и кој е одговорен.
„Животот на пациентите не е бројка на тендер, ниту колатерална штета на бирократски пропусти. Хаосот во здравството мора да престане, а одговорноста да биде преземена веднаш!“ заклучи Радеска.