Кандидатот за градоначалник на скопски Чаир од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), Бујар Османи, денеска најави радикален пристап во справувањето со нечистотијата, која ја оцени како „најголема рана на општината“.
Османи, кој е и лекар, нагласи дека нечистотијата е не само естетски проблем, туку и сериозен здравствен ризик за граѓаните, особено за децата, чии бели дробови се изложени на години неисчистена прашина.
Османи најави две клучни, итни мерки по преземањето на функцијата:
Вонредна состојба за нечистотија: Веднаш ќе прогласи вонредна состојба и ќе формира кризен штаб во кој ќе бидат вклучени општината, месните заедници, училиштата, приватни компании, па дури и верските заедници.
Формирање на ЈП „Чист Чаир“: Во првите шест дена од мандатот, ќе формира општинско јавно претпријатие за хигиена „Чист Чаир“, во кое ќе бидат вработени 120 лица. Ова претпријатие ќе биде одговорно за одржување на чистотата и зачувување на верските и историските објекти.
Кандидатот најави и масовна операција за рачно и механичко чистење на Чаир, бидејќи, според него, улиците на општината „никогаш досега не биле измиени“.
- Ќе се чисти по реони, при што секоја екипа ќе биде одговорна за една населба.
- Ќе се набават цистерни за миење и дезинфекција на улици, како и електрични и механички метли.
- Ќе се мијат и дезинфицираат сите улици, ќе се чисти секој парк и ќе се собира секое фрлено ѓубре.
Османи истакна дека ова е и акција за создавање свест за заедничка одговорност. Тој вети дека неколку месеци откако ќе стапи на функцијата, ќе го направи Чаир најчиста општина во Градот Скопје.