Министерот за здравство, Азир Алиу, информираше дека сѐ уште не се вклучени странски експерти во анализата на наводните непотребни операции на срце, за кои алармираше кардиологот Сашко Кедев. Домашниот експертски тим веќе завршил со разгледување на првите осум пријавени случаи кои стигнале до Министерството за здравство, но процесот сѐ уште трае.
Министерот Алиу нагласи дека детали за наодите нема да се објавуваат сѐ додека не заврши целиот процес, кој опфаќа вкупно 13 пријавени случаи (осум првични и пет нови).
„Завршени се осум предмети, кои беа првично архивирани кај нас како Министерство за здравство. Имаме уште пет нови случаи, кои се работат. Нема да известиме ништо сѐ додека извештајот не е конечен, сѐ додека не завршат сите случаи,“ изјави министерот Алиу.
Министерот појасни дека тимот странски експерти од Словенија, Австрија и од Италија сѐ уште не е активен. Нивното вклучување ќе се случи откако домашните експерти ќе завршат со сите 13 случаи, и тоа најверојатно по локалните избори.
Откако ќе завршат сите административни и клинички анализи, ќе се одржи заеднички состанок на локалниот и меѓународниот експертски тим.
„Кога ќе завршат сите анализи, и административни и клинички, тогаш тој конечен извештај ќе биде јавно достапен на веб-страницата на Министерството,“ рече Алиу.
Министерството очекува дека конечниот извештај ќе даде насоки за тоа кои политики треба да се имплементираат и дали треба да се размислува за менување на законите со цел појасно дефинирање на протоколите за ваков вид здравствени услуги.