Сиљановска-Давкова во Копенхаген: Нема безбедна Европа без Западен Балкан во ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на панел дискусијата насловена „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани”, во рамки на Седмиот состанок на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во Копенхаген, Данска.

​Во своето обраќање, таа ги посочи војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток и транснационалните закани (организиран криминал, нелегална миграција, сајбер напади и злоупотреба на вештачка интелигенција) како клучни предизвици за мирот во Европа. Претседателката истакна дека Северна Македонија прави напори да делува конструктивно во сите овие области.

​Сиљановска-Давкова ја нагласи геополитичката важност на проширувањето, порачувајќи дека европскиот континент не е безбеден сè додека земјите од Западен Балкан се надвор од Унијата.

​Таа додаде дека евроинтеграцијата на регионот мора да се заснова исклучиво на Копенхагенските критериуми.

​Претседателката потенцираше дека е нелогично ЕУ, која се дефинира како „единство на различности“ и почитување на идентитетите, од Северна Македонија да бара да преговара за својата историја, култура и јазик.

​„Ако ЕУ сака да биде геополитичка унија, не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум”, заклучи Сиљановска-Давкова.

​Во рамки на Самитот, претседателката учествуваше и на настанот организиран од францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони, по повод презентацијата на иницијативата за формирање на Европска коалиција против дрогата (ECAD).

​Таму, Сиљановска-Давкова истакна дека на единството на картелите треба да се одговори со поцврсто единство и соработка на европските земји, што е можно само со интеграција на Западен Балкан во ЕУ.