Трајковски: Орце Ѓорѓиевски беше администратор на лаги, Кисела Вода ќе добие „хуман урбанизам“

​Кандидатот за градоначалник на Општина Кисела Вода од СДСМ, Горан Трајковски, одржа трибина на која жестоко го критикуваше актуелното раководство, а потоа ја претстави својата програма фокусирана на социјална правда и развој.

​Трајковски ја опиша изминатата четиригодишна реалност како период на „илузии, празни ветувања и 3Д спотови без ниту една закована шајка“. Тој го нападна актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски:

​„Орце Ѓорѓиевски не беше градоначалник. Тој беше администратор на лаги. Ветуваше технолошки зони, а не донесе ниту еден инвеститор. Ветуваше модерна инфраструктура, а улиците денес се распаѓаат… Не направи буквално ништо. Наместо чиста, еколошка општина, остави запуштени плоштади и депонии.“

 

​Трајковски го оцени барањето на Ѓорѓиевски за поддршка за градоначалник на Скопје како „навреда на секој граѓанин што чекаше четири години, а не доби ништо“.

​Трајковски вети дека негов приоритет е „Кисела Вода за сите“, со фокус на праведна распределба на ресурсите и хуман пристап. Клучните проекти вклучуваат:

​Образование и социјална поддршка:

  • ​Бесплатна партиципација за сите деца во градинките.
  • ​70% субвенциониран оброк за сите ученици.
  • ​Реновирање на сите градинки и училишта.
  • ​Бесплатен јавен превоз за пензионери и самохрани родители.
  • ​Домашна нега за стари лица и центар за жртви на семејно насилство.
  • ​Праведен и хуман урбанизам – достапна инфраструктура во сите населби (Пинтија, Драчево, Усје), а не само во елитните делови.
  • ​Канализација, водовод и осветлување во секое маало.
  • ​Обновување на парковите и раззеленување на запуштените скверови.
  • ​Ревизија на урбанистичките планови, изградба на монтажни и подземни гаражи, реконструкција на улици и мостови.
  • ​1.000 нови вработувања и 100 мали бизниси.
  • ​Бизнис-инкубатор, преквалификации и поддршка за зелени иновации.

​Трајковски заклучи со ветување: „Не ветувам чуда, туку работа за секој граѓанин. Време е парите да одат за децата, не за партиски ПР.“