Филипче од Струга: Богатството на Македонија е во соживотот, време е за промени

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, синоќа на трибина во Струга истакна дека соживотот е вистинско богатство на Македонија, а Струга е најдобар пример за тоа. Под слоганот „Се бориме за нашиот дом“, тој ги повика стружани да ја изберат вистинската страна и да покажат дека заслужуваат убав и достоинствен живот, негувајќи ги различните култури и традиции.

​Филипче ја прошири дефиницијата за „наш дом“, нагласувајќи дека таа не се однесува само на домот, туку и на целиот град и државата.

​„Нашиот дом не е само куќата во која живееме. Нашиот дом е нашата улица, нашето маало, нашиот град, нашата Македонија. И кога велиме „се бориме за нашиот дом“, тоа значи дека се бориме за достоинствен живот за секој граѓанин… Нашата сила е во единството и заедно можеме да направиме промени. Денес повеќе од било кога, иднината е во рацете на вас граѓаните,“ рече Филипче.

​Лидерот на СДСМ зборуваше и за актуелната состојба во државата, критикувајќи ја владата дека не понудила решенија за скапиот живот на граѓаните, туку ги оставила сами да се снаоѓаат. Тој ја опиша државата како „без проекти и влада без резултати“, порачувајќи дека промените се неопходни и дека сега е вистинското време тие да се случат.

​„Да се избориме за држава што не е ничија приватна сопственост, туку заеднички дом со правила што важат за сите,“ им порача Филипче на стружани.