Мицкоски: СДСМ падна под биолошкиот минимум, очекувам катарза и нова конструктивна опозиција

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Могила изјави дека актуелното раководство на СДСМ ја свело партијата под биолошкиот минимум и дека очекуваат лош изборен резултат. Тој предвидува дека по изборите во СДСМ ќе настапи „катарза“ и реконструкција.

​Мицкоски оцени дека раководството ја довело СДСМ под 150.000 гласа и дека на овие избори ќе се борат да освојат меѓу 120.000 и 130.000 гласа.

​„Очекувам после овие избори да има таму катарза, реконструкција и нови млади сили коишто ќе донесат нова енергија, кои ќе бидат конструктивна опозиција и ќе работиме заедно на основа на идеи, аргументи, проекти и визија, а не на црна кампања,“ рече Мицкоски.

​Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на пораките на опозицијата за таканаречените „црвени линии“ содржани во нивната резолуција.

​Мицкоски ја доведе во прашање кредибилноста на СДСМ како патриотска партија која би поставувала црвени линии.

​Тој посочи дека зад документот се крие намера за уривање на „тешко повратените минимални, но повратени национални и државни позиции“ кои владата ги постигнала во изминатите 15 месеци.

Мицкоски обвини дека СДСМ подготвува уште еден „подарок“ за Бугарија, кој се состои во тоа што „претседателот на СДСМ вели еве уште еднаш да ја свиткаме кичмата, без да добиеме ништо, нашите во Пиринска Македонија не нè интересираат“.