Шајн: Охрид е далеку од сликата што ја заслужува, време е за нов концепт и УНЕСКО-уредување на крајбрежјето

​Кандидатот за градоначалник на Општина Охрид од СДСМ, д-р Асен Шајн, на граѓанската трибина во Охрид, на која присуствуваше и лидерот Венко Филипче, порача дека е време за промени и дека Охрид ќе избере нов концепт, проекти и резултати.

​Шајн ја критикуваше актуелната состојба, истакнувајќи дека граѓаните се разочарани бидејќи „многу се ветува, а ништо не се исполнува“.

​„Комуналниот развој е запоставен, градот е нечист, нема проекти, нема никаков развој. Младите заминуваат, економијата стагнира… Туризмот, кој треба да биде носечки столб на еден ваков туристички бисер, е сведен на неколку месеци хаос“, истакна Шајн.

​Кандидатот остро нагласи дека Охрид станал лична сопственост на градежни инвеститори, кои со амин на локалната власт приредиле страшна урбана девастација. Тој додаде дека ова загрозува природни и културни богатства.

​Наместо да зборува за минатото, Шајн го претстави својот план за иднината:

​- Ќе воведе нова димензија и нови еколошки практики.

​- Уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро, согласно препораките на УНЕСКО.

​- Ќе се гради на одржливи темели, со грижа кон природата и историјата.

​Шајн истакна дека инфраструктурата е негов приоритет и вети дека ќе води општина која нема да заборави никого.

​„Секоја улица, секое мало, секое населено место ќе го добие потребното внимание. Ќе го слушаме гласот на месните и урбаните заедници, тие ќе бидат наш вистински партнер и сојузник во работата. Одлуките ќе се носат со народот, а не без него!“ порача Шајн.

​Тој вети подобри услови за учениците во модерни училници, згрижување на децата по сите стандарди и грижа за социјалните семејства, пензионерите и лицата со попреченост.

​Шајн, кој рече дека не е човек со долго политичко минато, туку човек кој цел живот е меѓу луѓето, повика на поддршка на 19-ти октомври, ветувајќи чесна, домаќинска и човечка работа. „Време е да го вратиме Охрид, на охриѓани“, заклучи тој.