ФЗО доби 25 претставки за сомнителни кардиохируршки интервенции, истрагата ќе биде темелна

Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, информираше дека до Фондот пристигнале вкупно 25 претставки од пациенти кои се однесуваат на сомнителни кардиолошки и кардиохируршки интервенции.

​Од вкупниот број, 15 претставки за сомнителни кардиохируршки интервенции се препратени до Министерството за здравство за натамошно постапување. Пет од нив се индивидуални, а десет се поднесени од една установа. Претставките опфаќаат различни временски периоди, при што најстарата е од 2010 година.

​Клековски појасни дека поплаките од пациентите спаѓаат во три основни категории:

​- На пациенти им била направена кардиохируршка интервенција, иако немало реална потреба.

​- На пациенти требало да им се направи одредена интервенција, но таа не е спроведена.

​- Интервенции кои се направени кај пациенти во можна терминална фаза, а кои нема да доведат до подобрување на здравствената состојба или продолжување на животниот век.

​Директорот на ФЗО апелираше да не се очекуваат брзи резултати, бидејќи брзањето би било штетно за квалитетот на истрагата.

​„Мора да влеземе длабоко во овој процес, бидејќи тој мора да биде процес на учење, каде сме грешеле, што треба да промениме за овие работи да не ни се случуваат во иднина за да ја вратиме довербата во тој сегмент на здравството,“ нагласи Клековски.

​Тој посочи дека како што истрагата за Онкологија траела долго време, така и тука квалитетот на сработеното е поважен од брзината. Доколку се утврдат сериозни грешки, тие треба да завршат со кривични пријави, а здравствените власти треба да извлечат поука како да го променат системот – од контрола на квантитет кон контрола на квалитет на сработеното.