Московскиот суд му одреди притвор до 2 декември на милијардерот Ибрахим Сулејманов, кој е осомничен за организирање на две убиства и еден обид за убиство. Веста ја објавија руските медиуми по денешното апсење на бизнисменот.
Судењето се одржа зад затворени врати на барање на истражителите, кои образложија дека материјалите содржат податоци заштитени со закон, како и информации за здравјето.
Во јавниот дел, Сулејманов изјави дека веќе бил осудуван во средината на 2000-тите години за измама и легализирање на криминални средства, кога добил повеќегодишна затворска казна, и додаде дека е „акционер“.
Поврзаност со убиството на поранешен шеф на Федерална служба
Според наводите на Телеграм каналот База, милијардерот се поврзува со убиството на поранешниот шеф на Федералната служба за финансиско закрепнување и стечај, Георгиј Тал, кое се случило во 2004 година.
Тал беше убиен во напад недалеку од неговиот дом, кога непозната личност испукала повеќе куршуми во него и побегнала. Тал беше на чело на Федералната служба од јануари 1998 до јануари 2001 година, а истражителите уште тогаш се сомневаа дека нападот е поврзан со неговата професионална дејност.