Родителите на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ на 16 март, денеска го одржаа својот 25. протестен „Марш за ангелите“ во Кочани. Пред Основниот суд, тие упатија директно барање до државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, за:
Целосно презентирање на сите докази.
Јавна одговорност за пропустите во обвинителниот акт.
- Проширување на обвинението и кон другите вмешани лица.
- Итно преиспитување на решението за домашен притвор.
- Обезбедување еднаков третман за сите осомничени.
Мита Тасева, мајка на починатиот диџеј Стефан Цеце Тасев, јавно праша: „Дали Вие и сите други носители на највисоки функции досега не се запрашавте дека од 16.03.2025 година повеќе немате функција? Вие имате мисија! Мисија дали оваа држава ќе постои или ќе ја снема“.
Родителите сметаат дека наместо вистина и целосна одговорност, се сведоци на пропусти и прикривања, поради што биле принудени сами да го анализираат обвинителниот акт за да укажат на грешките.
За нив е поразително што дел од осомничените се со мерки на претпазливост, а тврдат дека имало лица кои „си ја купиле својата слобода со пари“.
„Ова е навреда за правдата и за целиот правен систем. Вашата должност е да обезбедите еднаков третман пред законот, а не да создавате систем во кој богатите и влијателните се неприкосновени“, порачаа родителите, обраќајќи му се директно на Коцевски.
Протестниот марш започна од „Паркот на Револуцијата“, продолжи кон Трговскиот центар и полициската станица. Родителите го блокираа сообраќајот петнаесетина минути на кружниот тек кај двојниот мост, по што се упатија пред зградата на Основниот суд и Обвинителството.