Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Велес ја критикуваше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за тотална незаинтересираност за граѓаните и за мерките за подобрување на животниот стандард.
„Помина година и пол од оваа власт… Доволно време да сфатиме дека имаме ненародна, арогантна, но пред сè власт без чувство за потребите на луѓето. Ова е реалноста,“ порача Филипче.
Филипче ја обвини Владата на ВМРО-ДПМНЕ дека ги одбила сите предлози на СДСМ кои се во интерес на работниците.
„Имаше реални добри закони со кои се олеснуваше секојдневнието. Имаше пет иницијативи за покачување на платите, како минималната така и просечната во приватниот сектор. Што направи Владата на ВМРО-ДПМНЕ? Ги одби сите иницијативи“, нагласи претседателот на СДСМ.
Тој додаде дека СДСМ предложиле и мерка за компаниите, да се субвенционираат придонесите за да не биде тоа на товар на фирмите, а сепак да има раст на платите, но и тоа било одбиено.
Филипче потсети дека СДСМ цела година нуди решение за минимална плата од 500 евра, со јасна методологија која веќе докажала дека може да функционира.
Тој посочи дека земјите од регионот веќе преземаат чекори за раст на минималната плата, наведувајќи дека Албанија ја покачува минималната плата на 520 евра, а во Србија таа расте секоја година.
„СДСМ цела година нуди решение – минимална плата од 500 евра! Не популистички, туку со јасна методологија, со модел што веќе докажа дека функционира, ние покажавме дека државата може да расте и кога има кризи, ако има грижа за граѓанинот,“ истакна Филипче.