Движењето ЗНАМ – За наша Македонија одржа голема промотивна конвенција во Куманово, на која беа претставени кандидатот за градоначалник, Максим Димитриевски, и советничката листа предводена од Ивана Ѓорѓиевска. Големиот број граѓани, според соопштението, ја потврдиле силната поддршка за актуелниот градоначалник.
Во своето обраќање, Димитриевски се осврна на сработеното во изминатите осум години, набројувајќи дел од над 800 реализирани проекти кои го подобриле квалитетот на живот во Куманово.
„Нашата работа и нашите принципи – чесност, искреност, посветеност и отчетност, секогаш носат резултати. Проектите не се прават само пред избори, туку постојано, секој ден. Тоа е разликата и затоа граѓаните нѝ веруваат,“ истакна Димитриевски.
Тој порача дека најголемата награда е токму довербата од граѓаните, која е потврда дека Куманово сака континуитет, стабилност и развој.
„ЗНАМ знае, Куманово знае, и сите во Македонија знаат што ќе се случи на 19 октомври. Мириса на победа! И тоа убедлива победа уште во првиот круг“, рече Димитриевски.
За следниот мандат, тој најави квалитетна програма со стотици проекти од сите области, за која јавно се обврза дека ќе ја исполни од А до Ш. Реализацијата на програмата, според Димитриевски, ќе го промовира Куманово во регионален економски центар и најсредена општина во Македонија.