Мицкоски од Јегуновце: СДСМ, ДУИ и Левица се „непринципиелна коалиција“ поврзана со гнев кон ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Општина Јегуновце ги обвини опозициските партии СДСМ, ДУИ и Левица дека функционираат како „тивка“ и непринципиелна коалиција чија единствена поврзувачка точка е гневот кон ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски нагласи дека на локалните избори граѓаните бираат меѓу два концептуално спротивставени концепти: ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, наспроти оваа „коалиција Ахмети, Филипче, Апасиев“.

​„На овие локални избори, бираме помеѓу две концептуално спротивставени опции. Едната е онаа тивка коалиција, која што ја сочинуваат три политички партии, тоа е СДСМ, ДУИ, и политичката партија Левица. Тие се тие две спротивставени страни коишто ќе се соочат на овие избори“, рече Мицкоски.

​Тој посочи дека оваа коалиција е „жедна и гладна за власт, моќ, привилегии“, но најважно, ги поврзува „големиот гнев кон ВМРО-ДПМНЕ“.

​Мицкоски потсети на активностите на Левица во периодот 2015-2016 година, кога, како што рече, „фарбаа, уништуваа, палеа државен ваш имот направен, со ваши народни пари, за да по насилен пат симнат една влада која што имаше легитимитет од народот“.

​Тој обвини дека врхушката на Левица станала дел од СЈО, кое имало единствена задача да врши „тортура и политички прогон врз членовите и активистите на ВМРО-ДПМНЕ“, а денес ја цицаат сопствената партија.

​Осврнувајќи се на кампањата на другите два чинители, Мицкоски праша за каков дом се бори Венко Филипче со слоганот „Се бориме за нашиот дом“:

​„Прашањето е за кој дом? За хациендите во Дубаи, за хациендите на Халкидики, за јахтите на Халкидики, за фирмите во Петрич. За што се борат? Имаа тие можност да се борат за својот дом 7 години.“

​За Али Ахмети и ДУИ, Мицкоски истакна дека целата кампања ја водат враќајќи ја државата децении наназад, потсетувајќи на средби со генерали. Тој заклучи дека тоа не соодветствува со светските стандарди, каде што се зборува за вештачка интелигенција, голем зелен договор и освојување на космосот.