Хеско: ДПМНЕ не направи ништо, време е да им го вратиме градот на граѓаните

​Кандидатката за градоначалник на Велес, Маја Хеско, на трибина ја претстави својата програма, истакнувајќи дека градот повторно ќе стане место какво што заслужуваат неговите жители. Таа остро ја критикуваше актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ за запоставување на Велес.

​„Велес е запоставен и заборавен од централната власт, поминува низ тешка криза и веќе сериозно заостанува во развојот во споредба со околните општини како Штип и Кавадарци, иако некогаш беше далеку пред нив. Запуштен, заборавен, нечист, со сообраќаен хаос, загадена животна средина, со запуштени паркови и со градоначалник кој го шминка само централното градско подрачје, а ги запоставува останатите делови од градот и селата“, рече Хеско.

​Таа потенцираше дека сегашниот градоначалник за четири години не асфалтирал ниедна педа од улиците во индустриските зони, не направил ниту еден метар водоводни и канализациски мрежи, а проекти кои ги наследил со обезбедени европски средства не успеал да ги заврши.

​„Оваа власт лажеше и не направи ништо. Велес назадува, младите ни бегаат, градот се гуши во загадување, а селата се напуштаат“, порача Хеско.

​Наспроти трендот на занемареност, Хеско ја претстави својата визија со „амбициозен, но остварлив“ план, обврзувајќи се на чесна и одговорна работа за сите граѓани, без поделби.

​Во нејзината програма се вклучени крупни и долгорочни проекти, меѓу кои:

  • ​Инфраструктурна револуција со изградба на нова комунална инфраструктура, мостови, заобиколници и урбано ширење на градот.
  • ​Воведување јавен превоз со еколошки возила.
  • ​Спас на езерото Младост.
  • ​Инвестиции во образованието и грижа за старите лица.
  • ​Дигитализација на општинските услуги и реконструкција на спортските објекти.

​Таа вети дека ќе биде градоначалничка на сите граѓани, без разлика на партиска, етничка, религиска или социјална припадност.

​„Да се бориме за нашиот дом. Заедно до победа. Заедно, до првата жена Градоначалник на Велес“, заклучи Маја Хеско.