Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Општина Ѓорче Петров истакна дека претстојните локални избори на 19 октомври се одлука дали земјата ќе оди напред или ќе се врати назад. Тој ги повика граѓаните да го заокружат бројот 9, бирајќи програма и план со кој општините и државата ќе станат современо и убаво место за живеење.
Мицкоски нагласи дека актуелната Влада веќе 15 месеци ги гради темелите кои претходната власт, составена од СДСМ и ДУИ, ги рушела и упропастувала цели 84 месеци.
Мицкоски го критикуваше претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за тоа што се претставува како да не бил дел од претходната власт.
„Кога го слушам Венко Филипче, излегува како тие никогаш да не биле власт во оваа држава. Како да не беше тој најсигурниот министер на кој Зоран Заев се потпираше. Тој денес ни објаснува дека во негово време и во време на неговиот ментор подобро се живеело, и дека тие двајцата се бореле за сопствениот дом, а ние не сме се бореле. Ова е врвно лицемерие“, порача Мицкоски.
Тој потсети дека тоа било време кога 500 илјади граѓани живееле со само 150 денари дневно, а животниот стандард бил уништен од двоцифрена инфлација. Мицкоски ги спомена и скандалите, тендерите во РЕК и провизиите кои, според него, транспарентно биле редени во џебовите на поединци.
„Клекнување на колена“ и повикување на АСНОМ
Мицкоски истакна дека СДСМ и ДУИ се грижеле за „нашиот дом“ така што ја „клекнаа Македонија на колена“. Тој ги наброја „предавствата“ на претходната власт: промената на името, Договорот за пријателство со Бугарија, кој ја отворил Пандорината кутија, и прифаќањето на бугарскиот ултиматум.
Осврнувајќи се на неодамнешното повикување на АСНОМ од страна на Филипче, Мицкоски го обвини дека тој и неговиот ментор се „поплукаа на АСНОМ“ со тврдењата дека нашиот источен сосед за време на Втората светска војна во Македонија биле ослободители и администратори, а не окупатори, и дека македонскиот јазик „паднал од небо“.
„Не може Венко да се повикува на АСНОМ, а да не се огради од ова. Не може да бидеш од една страна и партизан а од друга страна соработник со окупаторите во Втората светска војна“, заклучи Мицкоски.