Филипче од Свети Николе: Борбата за 500 евра минимална плата е за достоинство на секој човек

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва од Свети Николе, каде што се одржа граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, го коментираше барањето на Сојузот на синдикатите за покачување на минималната плата. Тој нагласи дека ова барање не е луксуз, туку реална потреба за достоинствен живот.

​„Тоа не е барање од луксуз, тоа е крик на луѓе што живеат со 400 евра месечно, во време кога сметките растат, а кошницата во маркет станува сè полесна. Цела година СДСМ нуди решение, минимална плата од 500 евра, за секој човек што чесно работи да може да живее достоинствено“, рече Филипче.

​Филипче оцени дека молкот на ВМРО-ДПМНЕ за гласот на синдикатите, народот и амандманите на СДСМ е доказ за нивната незаинтересираност за работникот.

​„Владата молчи затоа што нивните интереси не се интереси на работникот, туку на големите газди. Молчи затоа што гледаат на работникот како на трошок, не како на човек. За нив, платата е бројка во Excel табела. За нас тоа е побогата вечера за семејството, достоинствена облека за децата, тоа е мир во домот. Борбата за 500 евра минимална плата е борба за достоинство на секој човек“, порача претседателот на СДСМ.

​Тој потсети дека соседните земји веќе преземаат конкретни чекори, наведувајќи дека Албанија ја зголемила минималната плата на 520 евра, а Србија ја зголемува секој месец. Само Македонија, потенцираше Филипче, стои во место затоа што власта нема ниту волја, ниту план.

​Суштината на борбата на СДСМ, заклучи тој, не е за празни слогани или моќ, туку за право на достоинствен живот.