Гичев: ВМРО-ДПМНЕ ги изневери граѓаните, време е за позитивна енергија и прогрес во Свети Николе

​Кандидатот за градоначалник на СДСМ во Свети Николе, Дејан Гичев, одржа трибина на која ја критикуваше актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ за нереализирани проекти и стагнација во градот. Тој побара поддршка од граѓаните, ветувајќи дека ќе му го врати сјајот на Свети Николе.

​„Поминаа четири години откако ДПМНЕ е на власт, а освен празни ветувања, не добивме ништо. Четири години без ниту еден капитален проект, освен чадорите и кафезот во срцето на градскиот парк, кои ќе бидат дислоцирани веднаш по моето доаѓање, во првата недела“, порача Гичев.

​Тој нагласи дека градот стагнира, нема привлечено инвестиции, а граѓаните добиле повисоки сметки и пониски стандарди. Како пример за неработење, Гичев го посочи проектот за базен, кој бил целосно подготвен, но бил сопрен од раководството на ВМРО-ДПМНЕ без никакво објаснување.

​Гичев вети дека со напорна и чесна работа ќе ја реализира својата програма.

​„Со правилно урбанистичко планирање и грижа за хигиената, Свети Николе ќе го направиме чист, урбан и модерен град за живот. Тоа ќе биде обврска на секој од нас“, рече кандидатот.

​Меѓу конкретните ветувања на Гичев се:

​Обновување, модернизирање и вложување во спортските објекти, како и поддршка на спортските клубови.

​Вистинска поддршка за земјоделците, преку тампонирање на сите земјоделски патишта за обезбедување основни услови за работа.

​Нов младински центар за младите.

​Фонд за самохрани мајки за социјално ранливите.

​Стипендии за талентирани деца во образованието.

​Гичев заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ ја прокоцкале можноста, а градот стагнирал. Тој вети дека ќе биде градоначалник кој секојдневно ќе биде на терен и достапен за сите. Ги повика граѓаните на 19 октомври да го заокружат бројот 5 за да донесат нова позитивна енергија и прогрес во Свети Николе.