Општина Карпош издаде демант, отфрлајќи ги, како што наведува, „лагите кои се дел од црната кампања“ во изборната трка за градоначалник.
Општината ги повика кандидатите кои го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, да престанат да се служат со „небулози и невистини“ и наместо тоа да ги презентираат своите идеи и проекти.
Демантот директно се осврнува на тврдењето, пласирано преку партиски мегафони, дека лифтовите во новата општинска зграда чинат 600.000 евра. Општината наведува дека ваквото тврдење е „потценување на интелигенцијата на гласачкото тело“.
Општината појаснува дека:
Договорот е со наслов: „Изведба на завршни занаетчиски работи и поставување на лифтови во административен објект…“
Изведувањето на двата лифта во зградата од четири ката е само еден дел од целиот договор и чини точно 4 милиони денари (околу 65.000 евра), вклучувајќи го нивното комплетно инсталирање (челична конструкција, арматури, електроника и сè останато).
Во останатите ставки од договорот, кои ја сочинуваат вкупната цена, влегуваат: алуминиумска столарија, топловодни приклучоци, молерофарбарски работи, цевководи, водоотпорни гипс картони, преградни ѕидови, мермери, стаклени огради и друго.
Со почит, Општина Карпош.