Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски триумфираше на овогодинешното издание на „Виз Ер“ Скопски маратон, покажувајќи одлучност и шампионски менталитет во последниот километар од трката. Ова е втор триумф за Ивановски на Скопскиот маратон, по победата во 2021 година.
Ивановски го истрча маратонот за 2 часа 14 минути и 50 секунди. Во драматичен финиш, тој успеа да го помине фаворитот од Кенија, Џулиус Кипкоеч. По победата, Ивановски беше пречекан со бројни овации и порача: „Ова е за Македонија! За сите млади и за сите Македонци. Да покажеме дека и од Македонија има таленти“.
Во машка конкуренција, Кениецот Џулиус Кипкоеч заврши втор со време од 2 часа 15 минути и 20 секунди, додека третото место му припадна на атлетичарот од Грузија, Давити Каразишвили, со време од 2 часа 24 минути и 48 секунди.
Во женска конкуренција, по втор последователен пат триумфираше Кенијката Ирине Черуто, која маратонот го истрча за 2 часа 38 минути и 31 секунда. Втора на целта пристигна Бугарката Маринела Нинева, а трета беше Азербејџанката Ана Јусупова.