Османи: Образованието е приоритет број еден, најави изградба на две нови градинки во Чаир

По повод 5 октомври – Меѓународниот ден за образование, кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, одржа тематска прес-конференција, посочувајќи ја како главен проблем алармантната состојба со ограничените и лоши капацитети, особено за предучилишна возраст.

​Османи нагласи дека образованието ќе биде негов приоритет број еден, бидејќи „нема поголем приоритет за една општина отколку квалитетно образование“.

​Османи ја критикуваше состојбата во Чаир: „Во Чаир недостасуваат градинки. Градинките се преоптоварени, родителите сами купуваат основни работи за предучилишниот процес. Училиштата имаат блокирани сметки, се позајмуваат средства од едно во друго училиште, а тоалетите се во трагична состојба. Ова не можеме да го дозволиме”.

​Споделувајќи лична порака како родител, тој порача: „Имам мало дете кое оди во градинка и не можам да дозволам во една постела да лежат две или три деца. Не можам да дозволам ваков стандард за нашите деца”.

​Во рамките на својата програма, Османи најави изградба на две нови градинки со највисоки стандарди, кои ќе бидат изработени од тимот на светски реномираниот архитект Мишел Ројкинд.

​„Планираме две големи градинки, ‘Снежана’ и ‘Росица’, со најсовремени услови. Имам кредибилитет да зборувам за ова, затоа што веќе го реализиравме проектот за изградба на градинката ‘Бамби’, кој го одобрив како вице-премиер. Токму како што ја направивме ‘Бамби’, ќе ги изградиме и овие две нови градинки, и ќе ги реновираме сите постојни”, изјави Османи.

​Тој ја истакна важноста од квалитетно образование, порачувајќи дека „никогаш не можеме да им ги вратиме изгубените години на едно дете“. По прес-конференцијата, Османи заедно со група наставници и наставнички, одржаа марш на промена и надеж, упатувајќи порака за квалитетно образование.