Кандидатот за градоначалник на Општина Берово од СДСМ, Илија Рунтевски, пред граѓаните најави континуитет во развојот и повика на заедништво за градење на иднината на градот. Тој истакна дека „Иднината на нашето убаво Берово е заедничка цел“ која ќе се гради чекор по чекор, со посветеност.
Рунтевски упати благодарност до актуелниот градоначалник Ѕвонко Пекенски, нагласувајќи дека Берово е веќе препознатливо како „зелена оаза, туристички центар и место со потенцијал“.
„Тоа е темелот врз кој треба да продолжиме. Нашата задача е јасна, да го задржиме темпото и да внесеме нова енергија и идеи за Берово да биде модерен, урбан дом за сите генерации“, рече Рунтевски.
Рунтевски вети дека како иден градоначалник ќе биде секојдневно меѓу граѓаните, со отворена врата за сите. Неговиот план за развој вклучува:
Модернизација на инфраструктурата: Продолжување со изградба на улици, тротоари и осветлување.
Инвестиции во здрава средина: Вложување во паркови, градинки и спортски капацитети за децата.
Туризам и екологија: Силен фокус на потенцијалот на Беровско Езеро и Малешевските Планини. Тој најави дека Зелено Берово мора да стане симбол на здрава животна средина.
Социјална грижа: Подобри социјални услуги, поддршка за ранливите категории и достапна грижа за сите.
Меѓу клучните проекти во програмата на Рунтевски се:
Изградба на канализација и прочистителна станица во Беровско Езеро.
Реконструкција на кино салата и уредување на речното корито на Брегалница.
Изградба на пешачка патека до манастирот Успение на Пресвета Богородица.
Реконструкција на објектот „Стара гимназија“ како спортски центар.
Нов урбанистички план за поддршка на мало стопанство.
Брендирање на регионот како туристичка дестинација и проширување на Домот за стари лица.
„Ако изминатите години беа доказ дека можеме да го промениме Берово, сега е време за уште поголем чекор, да го издигнеме Берово на повисоко ниво кое носи развој и просперитет“, заклучи Рунтевски.