Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска, во соработка со познатиот архитект Бајрам Вардар, го претстави Мастерпланот за Чаир – стратешки документ наменет за целосна трансформација на општината во модел на одржлив развој. Планот предвидува модерна инфраструктура, урбано зеленило, културни простори и нови образовни и младински центри.
Коалицијата „Вреди“ соопшти дека Мастерпланот е резултат на работата на широк тим експерти од Турција и Северна Македонија, под водство на архитектот Бајрам Вардар, урбанист со скопско потекло, кој бил дел од тимот на претседателот Реџеп Таип Ердоган за време на неговиот мандат како градоначалник на Истанбул.
Планот се темели на седум клучни области: транспорт и сообраќај, заштита на културното наследство, туризам и економија, образование, култура и уметност, рекреација и спорт и урбана трансформација.
Во фокусот се конкретни решенија за ублажување на сообраќајниот метеж:
- Изградба на булеварите „Хрватска” и „Црна Гора”, кои ќе овозможат движење од Автокоманда кон Сарај без минување низ Чаир.
- Проширување на булеварите „Митат Фрашери”, „Џон Кенеди” и „Цветан Димов”.
- Изградба на кружен тек околу парк-шумата Гази Баба.
- Создавање 5.000 нови паркинг-места, вклучувајќи механички паркинзи.
- Ревитализација и нови центри
Еден од најзначајните елементи на Мастерпланот е ревитализацијата на Стариот Чаир со конкретни мерки за зголемување на бројот на туристи.
Проектот предвидува и изградба на нови младински центри, реновирање на постоечките училишта и креирање модерен кампус за Универзитетот „Мајка Тереза”.
Посебно внимание е посветено на проектот „Модерна Топана”, чија цел е трансформација на населбата во иконичен и атрактивен простор за Скопје.