Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Берово вечерва упати остра порака кон ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја партијата дека работи исклучиво за олигарсите и дека граѓаните за нив се „само бројка во избирачкиот список“. Тој истакна дека ова е заклучок од нивната „арогантност и незаинтересираност за потребите на граѓаните“.
Филипче го критикуваше владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе клучни сектори:
Земјоделство: „Нема никаква нова мерка за земјоделците, ги укинаа мерките на СДСМ што даваа резултат, ги скратија субвенциите за земјоделците.“
Стопанство: „Фирмите молат за поврат на ДДВ, нешто што им следува законски… Сега наместо да отвораат нови работни места, дел од компаниите отпуштаат вработени.“
Пензионери: „Видовме што им направија на пензионерите. Тие добија само 1.000 денари покачување на пензиите, а со моделот на СДСМ ќе земаа во просек по 2.000 денари за пензионер.“
Претседателот на СДСМ нагласи дека неговата партија, додека била Влада, покажала дека има механизми како да се заштити животниот стандард, да растат платите и да се заштитат компаниите, донесувајќи политики кои дале резултати и во најтешките кризи.
Филипче додаде дека СДСМ, и сега како опозиција, понудила решенија за да се стават под контрола високите цени на прехранбените производи и да се укине ДДВ-то, но дека сите предложени мерки биле одбиени од ВМРО-ДПМНЕ.