Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанскиот собир во Македонска Каменица упати силен повик за мобилизација на гласачите, нагласувајќи ја важноста на локалните избори како одлучувачки момент за иднината на државата.
„Или ќе ја браниме куќата што ја градиме, или ќе гледаме како ја рушат, цигла по цигла. Знам дека граѓаните се разочарани, но сега е време за мобилизација, не за апстиненција. Апстиненцијата е награда за ВМРО-ДПМНЕ“, порача Филипче.
Тој додаде дека граѓаните со својот глас имаат можност да испратат порака: „доста е, државата мора повторно да се врати во рацете на луѓето“.
Филипче потенцираше дека борбата не е само локална и политичка, туку и економска борба за достоинство.
„Се бориме за 500 евра минимална плата, за секој човек да може достоинствено да живее од својата работа. Се бориме за ред и правда, за држава што работи за своите граѓани, а не за партиските елити. За иднина и за надеж“, истакна претседателот на СДСМ.
Тој ја претстави кандидатката за градоначалник, Соња Стаменкова, како чесен и посветен човек, која претходно покажала што значи да се работи за градот.
„Мотивот за нејзината кандидатура е да продолжиме таму каде што застанавме, затоа што општината назадуваше во секој поглед“, рече Филипче.
На крајот, тој нагласи дека СДСМ секогаш била повеќе од партија – движење за слобода, правда и еднаквост, со идеја државата да биде дом за сите, а не само за неколкумина привилегирани.