СДСМ Пробиштип: Со поддршката за сите здруженија ја потврдивме пораката „Пробиштип за сите“

Општинската организација на СДСМ Пробиштип излезе со соопштение во кое му заблагодарува на ВМРО-ДПМНЕ што сами го потврдуваат нивниот изборен слоган „Пробиштип за сите“.

​СДСМ Пробиштип тврди дека откако Драган Анастасов – Ладич е градоначалник, средствата кои општината ги одвојува за Здруженијата на граѓани се десет пати повисоки отколку за време на мандатот на Тоневски (ВМРО-ДПМНЕ), кога, според нив, парите оделе за „лични репрезентации по кафеани“ и неговите „бизниси“.

​СДСМ нагласува дека за првпат, откако Анастасов-Ладич е градоначалник, сите невладини организации кои поднеле програма и барање по јавниот повик – буквално сите до една – добиле финансиска поддршка, без никакви поделби, врски или ургенции.

​Како непобитен доказ за нивната теза „Пробиштип за сите“, од СДСМ ги посочуваат следниве факти:

​Таткото на кандидаткaта за советничка од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Насевска, Страшко Милошевски, добил средства во висина од 140.000 денари две години по ред преку здружението „Слоу Фуд Осогово Пробиштип“.

​Актуелниот советник и кандидат за советник од ВМРО-ДПМНЕ, Денис Лиса Пановски, добил средства во висина од 180.000 денари преку „Мото Клуб Пробиштип ‘Black Eagles’“.

​Од СДСМ потсетуваат дека советниците од претходниот состав, вклучително и од ВМРО-ДПМНЕ, со едногласно „ЗА“ ги поддржале и програмите и извештаите за реализација на програмите.

​„Уште еднаш упатуваме голема благодарност до штабот на Тоневски, кои го популаризираа ова прашање, дадоа дополнителна вредност на нашата кампања „ПРОБИШТИП ЗА СИТЕ“ и потврдија дека Драган Анастасов – Ладич никогаш не ги делел луѓето“, завршуваат од СДСМ Пробиштип.